skopje-majski-operski-veceri

07.05.2024 Скопје

Националната опера и балет го најави 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“, кој ќе биде отворен на 9 мај со премиерата на спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, која ја поставуваат диригентот Енрико Довико (Италија) и режисерот Иван Поповски.

Раководството на НУ Национална опера и балет, предводено од генералниот директор д-р Васо Ристов, уметничкиот раководител на Операта, Орце Ицковски, и дел од авторскиот и солистичкиот тим на оперската претстава „Трубадур“ на прес-конференција говореа за подготовките на премиерата на грандиозното дело од Џузепе Верди, а беше објавена и целата програма на најзначајниот фестивал од областа на оперската уметност кај нас.

Целта на фестивалот „Мајски оперски вечери“ (МОВ) е на публиката да ѝ се понуди врвно уметничко доживување, да се претстават достигнувањата на оперските куќи од регионот, Европа и од светот, како и да се презентираат оперските дела што се поставени на домашната сцена.

Програмата на 52. МОВ е конципирана со ексклузивни гостувања на голем број солисти и диригенти од странство, а предвиден е и еден новитет со камерна оперска форма. По отворањето со „Трубадур“ на 9 мај, ќе следува балетот „Заспаната убавица“ од П.И. Чајковски на 15 мај, а како ексклузивен настан е најавено гостувањето на Софиската опера и балет на 18 мај со делото „Валкира“ од Рихард Вагнер, кое првпат ќе биде изведено во Република Северна Македонија.

На 23 мај ќе биде изведена операта „Тоска“ од Џакомо Пучини, додека на 28 мај ќе гостува Словенечкиот камерен музички театар со камерната опера за шест женски гласови (акапела), кои ќе го изведат делото „Свадба“ од Ана Соколовиќ.

Традиционално, фестивалот ќе биде затворен со операта „Аида“ од Џузепе Верди на 31 мај. Во текот на фестивалот ќе биде поставена изложбата „Оперска одисеја“, посветена на оперската примадона Милка Ефтимова.

Подготвено од М.Д.

About Author