22.05.2024 Скопје
Сите угостителски капацитети во Република Северна Македонија се подготвени да ги пречекаат матурантите само што цените се поскапени околу 5%. Нам ни недостасува персонал, исто како и во соседните држави, но кај нас е тоа масовно и треба да се направи некоја стратегија можеби со увоз на кадар. Но, генерално гледано, нам ни недостасува население бидејќи половина од населението е иселено. МАНУ и државните структури мора да направат стратегија луѓето да се задржат или да се вратат. Оти ако нема економија, нема ни држава, вели Аркан Керим, претседател на Туристичката комора.
„Нашите луѓе не си заминуваат само поради економски причини. Голем дел од тие што си заминаа и не ни работат туку живеат од социјална помош и за оние средби во македонските клубови. Нашите угостителски работници што заминуваат работат премногу часови, немаат ден одмор, а тука се добро платени“, вели Керим.
Керим вели дека ако се увезе работник од Непал, неговата плата ќе биде 450 евра со тоа што работодавачот треба да му обезбеди сместување.
„ Во Охрид лани сезоната ја спасија средношколците кои беа на пракса. Нам ни недостасуваат околу 20 илјади угостителски работници. Сопствениците исто ги зазтвораат рестораните и заминуваат во Хрватска заедно со работниците. Кога има помалку ресторани, природно е цените на услугите да бидат повисоки. Допрва ќе биде луксуз еден ручек во ресторан„, истакна Керим.
Тој додава дека кај нас е проблем и тоа што многу малку се врши обука на кадарот оти тоа е нужно за да се подигне квалитетот на услугата.
„ Ние имаме потпишано договор со Турција за обука. Се трудиме таа обука да биде бесплатна за корисниците со тоа што само ќе платат транспорт. Треба да појдат во Анталија и да видат како изгледа ол инклузив услуга за што Анталија е лидер во светски рамки“, вели Керим.
Тој вели дека келнерите секогаш добро заработуваат ако си го знаат занаетот, ако познаваат вина и ако ги знаат јадењата кои ги имаме во изобилство но не умееме да се испромовираме.
Ние се имаме, ама треба да се испромовираме и пари да заработиме, вели Керим и додава дека треба да се направат хотели во близина на малите винарии кои и онака се наоѓаат покрај транзитните патишта по кои поминуваат многу странски туристи.
Странските туристи, вели Керим, најмногу се жалат на нечистите градови за што Туристичката комора секоја година апелира. Тој вели дека Охрид годинава е темелно исчистен, но треба да се исчисти и Скопје. Керим вели дека проблем се и кучињата скитници во центарот на градот, но и децата од улица кои буквално ги напаѓаат странските туристи што се дојдени тука да уживаат и одмораат.
Во однос на туристичките водичи, Керим вели дека заработуваат и по 200 евра дневно, но треба да ги пријавуваат тие пари. Тој се пожали дека не може туристички водичи да одат низ Чаршија и да ги плашат и узурпираат странските гости.
„ Туристички водичи мора да влезат во системот. Голем број нерегистрирано водат групи во Грција. Исто е проблем издавањето на станови за туристи при што не се плаќаат даноци ниту се пријавуваат гостите. Странци не може да водат туристички групи во Македонија, а ако го има тоа треба да има инспекција да регира. Тоа е проблем на пазарната инспекција“, потенцираше Керим.
Подготвено од М.Д.