29.05.2024 Скопје
Признавањето на палестинската држава не е табу-тема за Франција, но тоа мора да се случи во погоден момент, а не под влијание на емоции.
Ова го изјави францускиот претседател Емануел Макрон за време на својата посета на Германија на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц посочувајќи дека е целосно подготвен да ја признае палестинската држава.
Претходно, Ирска, Шпанија и Норвешка објавија дека официјално ја признале независна Палестина.
Според него, ситуацијата во Рафах е ужасна и додаде дека воените операциите таму мора да престанат.
Макрон повтори дека Израел има право да се брани, но, како што посочи, тоа мора да се направи со почитување на меѓународното и хуманитарното право. Според него, нема безбедно место за палестинските цивили.
Франција, како што посочи, е подготвена да работи на мировно решение, но, дека најкорисната акција во моментов е да се постигне прекин на огнот.
Евентуалното признавање на палестинска држава од страна на Франција предизвика немири во француското Национално собрание, каде што член на Непокорната Франција беше протеран откако го вееше палестинското знаме.
Претседателот на собранието Јаел Браун-Пиве го осуди, како што рече, неприфатливото однесување на пратеникот Себастиен Делогу и ја прекина седницата.
Државата Палестина досега ја признаа 145 од 193 земји членки на ОН.
Признанието за независна држава од трите европски држави следува откако Меѓународниот кривичен суд донесе одлука против израелските власти за нивната опсада на Појасот Газа која трае од 7 октомври минатата година.
Подготвено од М.Д.