ALJBIN KURTI 2

20.05.2024 Скопје

Косовскиот премиер, Албин Курти на средба со потсекретарката за јавна дипломатија на Стејт департментот на САД, Елизабет Ален, која престојува во Косово, ја изрази својата загриженост поради постојаните закани на Србија кон косовската држава.

Како што соопшти владината служба за информирање, Курти на средбата со Ален рекол дека „авторот и водач на терористичката и паравоена српска група“, која го изврши нападот во Бањска во северно Косово во септември минатата година, Милан Радоичиќ, сè уште е на слобода во Србија.

Косовскиот премиер изразил и жалење што барањето на Косово за членство во оваа институција не е ставено на агендата на Комитетот на министри на Советот на Европа за 17 мај.

„На средбата се разговараше и за односите меѓу Косово и Србија и за процесот на дијалог со посредство на Европската унија. По ова прашање премиерот Курти ја истакна важноста од целосно и безусловно спроведување на основниот договор и неговиот анекс. Во однос на патот на Косово кон евроинтеграциите, премиерот Курти изрази жалење што Комитетот на министри на Советот на Европа одби да го вклучи Косово во агендата за гласање на 17 мај, со оглед на тоа што Косово ги исполни сите критериуми за членство“, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот.

Во текот на разговорот, Курти ја запознал Ален со „случувањата во земјата, напредокот во владеењето на правото, социјалните политики кои ги поддржуваат жените и децата, реформите во образованието со цел поврзување на образованието со пазарот на трудот, како и политиките и инвестициите во енергетиката“.

Курти изјави дека САД се сојузник и историски партнер на Косово и очекува зајакнување на меѓусебните односи во иднина, особено на полето на економијата и трговијата.

Пред да се сретне со Курти, американската дипломатка, Ален претпладнево се сретна и со претседателката на Косово, Вјоса Османи, со која потпиша договор за разбирање меѓу владите на САД и Република Косово, против манипулациите со информации од други држави.

Подготвено од М.Д.

About Author