16.05.2024 Скопје
Оваа недела во посета на „Костал Македонија“ е главниот оперативен тим на компанијата, кој ги проверува развојот, успешноста и идните планови. Прв пат по седум и пол години, кога беше отворена компанијата во Охрид во октомври 2016 година, во посета дојде и Андреас Костал, сопственик и претседател на Управниот одбор на Костал, кој не го криеше задоволството од развојот на компанијата во Македонија.
Тој упати благодарност до сите вработени во Костал Македонија за посветеноста и постигнатите успеси остварени во, како што рече, комплексни услови.
Успешното работење на Костал Македонија го потврди и главниот оперативен директор на компанијата Костал, Ханс Јорг Херман.
Оваа недела во Охрид официјално започнува производството на технолошки најнапредниот производ на Костал групацијата на глобално ниво, а тоа е проектот за енергетска електроника за Фолксваген, најави генералниот директор на Костал Македонија, Виктор Мизо.
Високите претставници на Костал групацијата денес ќе земат учество на Самитот „Македонија 2025“. Андреас Костал ќе има обраќање за развојот на автомобилската индустрија и предизвиците со кои таа се соочува, додека Ханс Јорг Херман ќе се осврне на предизвиците во синџирот на снабдување на глобално ниво.
Подготвено од М.Д.