28.05.2024 Скопје
Денеска во Собранието треба да започне седницата на која ќе биде конституиран новиот парламентарен состав по изборите одржани на 8 мај.
Почетокот на седницата е закажан за во 11 часот, а на дневен ред се четири точки.
-Избор на претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието на Република Северна Македонија;
-Верификација на мандатите на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија;
-Предлог за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Северна Македонија;
-Избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија.
Според новиот Деловник за работа на законодавниот дом, конститутивната седница може да трае најмногу три дена, а завршува со изборот на претседател на Собранието.
Како што е најавено, за претседател на Собранието ќе биде предложен Африм Гаши од партијата Алтернатива, која е дел од коалицијата „Вреди“.
Новиот парламентарен состав ќе брои 120 пратеници, но на денешната седница се очекува да присуствуваат 118 пратеници чии мандати се веќе потврдени од Државната изборна комисија и кои добија уверенија од ДИК. За останатите два мандати за кои се прегласуваше минатата среда (22 мај) сè уште течат жалбените постапки.
Вчера Државната изборна комисија на седница го отфрли приговорот на „Европскиот фронт“ за прегласувањето на изборното место 2101 во село Ларце во Општина Желино. На одлуката од ДИК кандидатите имаат право на тужба до Управниот суд кој, пак треба да одлучи во рок од 48 часа по приемот на тужбата.
Според распоредот на силите, во новиот состав на законодавниот дом најмногу пратеници, односно 58 ќе има коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, „Коалицијата за европска Македонија“ на СДСМ ќе брои 18 пратеници, коалицијата „Европски фронт“ предовдена од ДУИ ќе има исто 18 пратеници, коалицијата „Вреди“ ќе има 14, а Левица и „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“ ќе имаат по шест пратеника.
Поради кандидатурата за претседател на Собранието Африм Гаши, како што беше соопштено вчера се повлече од лидерската функција во Алтернатива, која е дел од коалицијата „Вреди“. Во меѓувреме и Билал Касами, претседател на Движењето Беса кое е исто така дел од оваа коалиција и актуелен градоначалник на Тетово, се откажа од пратеничкиот мандат и побара тој да не му биде верификуван на денешната седница.
Мандатот од четири години на новиот собраниски состав почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Оттогаш почнуваат да течат и 10 дена во кои претседателката на државата мора да го додели мандатот за состав на Владата на кандидатот на партијата или партии кои имаат мнозинство во Собранието, а во случајот тоа е ВМРО-ДПМНЕ.
Подготвено од М.Д.