22.05.2024 Скопје
Граѓаните и компаниите од Република Северна Македонија во банките должат близу 7,4 милијарди евра. Народната банка во својот најнов извештај објави дека, по основ на кредитидомаќиунствата имаат подигнато од комерцијалните банки без малку 3,8 милијарди евра. Кредитите на фирмите пак тежат 3,5 милијарди евра.
Извештајот покажува дека вкупните кредити на месечно ниво се зголемени за 1,2 отсто. Податоците велат дека граѓаните најмногу ги бараат потрошувачките кредити и станбените кредити. За потрошувачки кредити домаќинствата должат близу две милијарди евра, а за станбени кредити без малку 1,5 милијарди евра.
„Паричната маса во април 2024 година, е зголемена за 1,5% на месечна основа, пред сè поради растот на депозитните пари, при дополнителен раст и на долгорочните депозити до две години и готовите пари во оптек, а во услови на остварен пад на краткорочните депозити. Споредено на годишна основа, паричната маса бележи раст од 6,7%, во најголем дел поради зголемените депозитни пари, а позитивно влијание имаат и останатите компоненти.“ – велат од Народна Банка.
Неколку годишната криза по се изгледа дека ги натера граѓаните подомаќински да се однесуваат. Депозитите на домаќинствата за една година се зголемени за речиси 11 отсто. На месечно ниво растот е близу три отсто. Вкупните депозити во банките изнесуваа 8,7 милијарди евра. Домаќинствата во банките имаат 5,9 милијарди евра, а компаниите имаат 2,4 милијарди евра.
Информациите од Централната банка велат дека новите штедни влогови се со каматна стапка од 2,5 отсто.
Иако се очекуваше олеснување на монетарната политика, тоа засега не се случува. Просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесувала 5,5 отсто, а тоа е за 0, 02 отсто помалку во однос на февруари, а има раст за 0,5 отсто на годишно ниво.
Подготвено од М.Д.