makedonija-francija-znaminja

20.05.2024 Скопје

Францускиот институт е најстарата странска институција која што е присутна тука во Скопје и во Република Северна Македонија. Тоа е знак на долготрајното пријателство кое ги поврзува Франција и Република Северна Македонија. Нам ни припаѓа како улога таа соработка да еволуира и затоа во нашата програма насочена кон младите содржани се иновативни дигитални активности, поле каде Франција е своевиден пионер и има најдобри образовни програми.

Ова го истакнува Иго Бештел, директор на Францускиот институт по повод одбележувањето на големиот јубилеј 50 години од неговото основање. Јубилејот ќе го одбележат вели со најдоброто од Франција – мошне атрактивна и разновидна програма која ќе се реализира под мотото „извонредност и иновација“, која започна со настапот на француската театарска група „Кафиг“ и изведбата на претставата „Мозаик“ на светски познатиот кореограф Мурад Мерзуки во МНТ, а завршува на 28 јуни со уличен театар низ улицата „Македонија“.

Првично формиран како Француски културен центар во далечната 1974 година чија првична мисија е презентација и промоција на француската култура, мисла, и јазик, Бештел смета дека Институтот кој е француска јавна институција која делува под капата на француското МНР, има оставено силен печат врз културната размена меѓу двете земји, во поттикнување на соработката меѓу актерите од различни сфери, во  доближувањето на Франција, и на вредностите на Франкофонијата.

Подготвено од М.Д.

About Author