02.05.2024 Скопје
Финалето на Лигата на Европа, второто натпреварување на УЕФА по ред, ќе се одржи во Белград во 2028 година, објави српскиот претседател Александар Вучиќ.
Вучиќ ова го откри при отворањето на изградбата на Националниот стадион во Сурчин.
„Финалето на Лига Европа ќе се игра во 2028 година на Националниот стадион, тоа е се што треба да знаете“, изјави Вучиќ.
Тој најави дека зградата ќе биде готова за две години, а за четири години таму ќе се игра финалето на Лига Европа.
Во таа прилика тој им се заблагодари на претседателот на УЕФА Александар Чеферин и на генералниот секретар Зоран Лаковиќ.
Националниот фудбалски стадион ќе има околу 52.000 седишта и ќе биде изграден според сите стандарди на УЕФА. Стадионот ќе биде изграден според архитектонскиот проект на Марк Фенвик, а треба да биде готов до крајот на 2026 година.
Вучиќ во понеделникот во обраќањето од Претседателството на Србија оцени дека стадионот ќе биде еден од трите најубави стадиони во Европа.
Претседателот ќе ги посети и подготвителните работи за објектите за специјализираната изложба ЕКСПО 2027 Белград, која ќе се одржи во Белград од 15 мај до 15 август 2027 година, со тема „Игра(и) за хуманост – спорт и музика за сите“.
Подготвителните работи за изградба на објекти за ЕКСПО започнаа во јуни минатата година и, како што претходно беше наведено, се одвиваат според планот.
Изложбата ќе се одржи во Сурчин, во област која е добро поврзана со сообраќај, помеѓу обиколницата во Белград и автопатот „Милош Велики“, во близина на аеродромот „Никола Тесла“.
Покрај изложбениот простор за ЕКСПО и Националниот фудбалски стадион, на тој простор ќе бидат изградени и новиот Белградски саем, Акватик центарот и станбен комплекс со 1.500 станови.
Изложбениот комплекс за самиот ЕКСПО ќе се простира на површина од 25 хектари, а вкупната површина на изложбените капацитети ќе изнесува 230.000 квадратни метри бруто.
Станбениот комплекс е всушност цел град со сите погодности за удобен престој на учесниците на изложбата, а неговата површина ќе изнесува 160.000 метри квадратни.
Покрај другото, предвидена е и изградба на нова пруга во должина од 18 километри, на релација Земун поле-аеродром Никола Тесла – локација на ЕКСПО 2027 година.
Подготвено од А.Ѓ.