https://www.facebook.com/photo/?fbid=10154368525685107&set=a.460085992148967

23.05.2024 Скопје

ЕУ е сосема свесна за позицијата на идната Влада што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ околу уставните измени, но не гледаат начин обврската што веќе е преземена од претходната Влада да биде променета или заобиколена.

Дипломатски извори од Директоратот за проширување на Европската Комисија иако велат дека имаат разбирање за фрустрациите во Македонија од процесот претходните години, сепак се категорични дека исполнувањето на условот за внесување на Бугарите во Уставот нема алтернатива.

“Нема краток пат, ниту план Б”, велат изворите во Директоратот за проширување и додаваат дека следните 6 месеци се клучни.

Доколку Владата почне процес да го репреговара веќе постигнатиот консензус меѓу сите земји членки на ЕУ, загрижени се дека ќе се изгуби драгоцено време.

“Ако се вратиме назад во репреговарање, Албанија ќе се одвои на патот, не го сакаме тоа”, порачуваат дипломатските извори во Директоратот.

Истите пораки во врска со уставните измени ги имаат и во Дипломатската служба на ЕУ (EEAS), што ја предводи Борел.

“Геополитиката креира моментум, треба да се искори тоа”, велат дипломатите од оваа служба и додаваат дека гаранции дека во текот на преговорите не се можни нови блокади никој не може да даде. Сметаат дека за Македонија сега е најважно да го почне процесот и да го отвори првиот кластер со поглавјата за владеењето на правото и борбата против корупцијата.

Дипломатите во Брисел се едногласни дека за разлика од претходните 10 години, кога прашањето за проширувањето беше на маргините, по руската агресија на Украина, има забрзување на процесот. Дека се сериозни во намерата земјите од Западен Балкан да ги примат во ЕУ, велат доказ е Планот за раст, кој веќе ги помина сите филтри на ЕУ и наскоро ќе биде оперативен. Република Северна Македонија може да се надева на околу 900 милиони до 1 милијарда евра грантови и поволни заеми, но услов за да ги добие ќе биде реформската агенда.

Од ЕУ потсетуваат и дека Преспанскиот договор е меѓу политичките критериуми за Република Северна Македонија и мора доследно да се спроведува.

Во однос на суптилните закани од ДУИ за можна дестабилизација доколку не се дел од Владата, дипломатите од EEAS велат дека не сакаат да се впуштаат во коментари за внатрешните политички прилики, но се децидни дека секоја партија што би ги подигала тензиите не и прави добро на државата, и тие ќе бидат гласни во реакциите.

Подготвено од М.Д.

About Author