22.05.2024 Скопје
Очекуваме дека Република Северна Македонија ќе продолжи по европскиот пат, кажа заменик-помошникот секретар на САД во заминување и специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар, во онлајн интервју за Европскиот центар на Атлантскиот совет.
Ескобар, за време на разговорот за улогата на САД во услови на предизвици на Западен Балкан, беше прашан дали по победата на ВМРО-ДПМНЕ и зголемената загриженост за Договорот од Преспа, се` уште верува оти патот кон Европа ќе продолжи, како што изјави на денот на изборите.
„ Да. Мислам дека Европа и САД многу јасно ја кажаа нашата позиција на претседателот по инаугурацијата дека целосно очекуваме оти Република Северна Македонија ќе продолжи по својот европски пат, ќе се посвети, ќе продолжи да биде посветена членка на НАТО, и верувајте ми, тие се посветена членка на НАТО. И добивме уверување од сите нивоа на партиското раководство на главната партија (ВМРО-ДПМНЕ) која победи на изборите, дека ќе останат посветени на европскиот пат“, одговори Ескобар.
Подготвено од М.Д.