16.05.2024 Скопје
На стрмен терен покрај река, наместа со помош и на алпинистичка опрема, денеска се чистеше мини депонија помеѓу селата Вешала и Бозовце на Шар Планина која, иако е прогласена за Национален парк, се „дави“ во отпад.
Како предвесник на „Генералка викенд“, во оваа еко акција, рачно се чистеше разновиден комунален отпад, па и градежен шут, по што ќе бидат поставени контејнери во селата во кои досега немаше редовно подигање на сметот. За поголемите депонии, пак, ќе биде потребна механизација.
Во планинските села на Шара во следните два дена ќе продолжи акција во која учестуваат вработените во Националниот парк, припадници на АРМ, ЕБР, ЦУК и други, а во сабота ќе се чисти регионалниот пат Тетово-Попова Шапка, при што може да приклучат сите граѓани.
Организаторите велат дека мора да се подигне свеста кај луѓето за зачувување на животната средина.
„Генералка викенд“ ќе се спроведе на 17, 18 и 19 мај во над 400 локации во сите 81 општини низ целата земја.
Подготвено од М.Д.