15.05.2024 Скопје
Државната изборна комисија ги усвои приговорите од политичките партии за седум избирачки места. Од вкупно поднесените 27 приговори, шест од усвоените приговори се во изборната единица пет, од кој пет на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, еден приговор на СДСМ. Во изборната единица шест, прифатен е приговорот од Коалицијата ВЛЕН.
Усвоените приговори се однесуваат за: Желино, ИМ 2101 поднесен од Коалицијата ВЛЕН; Охрид, ИМ 1272 поднесен од Коалицијата Твоја Македонија; Крушево, ИМ 1194 и ИМ1202 поднесен од Коалицијата Твоја Македонија; Струга, ИМ 1844 поднесен од Коалицијата Твоја Македонија и Коалицијата За Европска иднина; Долнени, ИМ 1470 и ИМ 1470/1 поднесен од Коалицијата Твоја Македонија.
Останатите приговори се одбиени.
Но дали на овие места ќе има прегласување ќе се знае откако ќе помине рокот за жалби пред Управен суд, а членовите на ДИК ќе одлучат во зависност од тоа дали евентуалното прегласување би донело промена во распределбата на пратеничките места.
Прифаќањето на некои приговори од петтата и шестата изборна единица е оспорување на нашиот легитимитет, велат од Европскиот фронт. Најавија тужби до Управниот суд, но и дека ќе ги информираат меѓународните институции. Од Европскиот фронт тврдат дека членовите во ДИК од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ВЛЕН добиле инструкции како да гласаат.
Меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и дополнителен заменик министер во МИОА, Стефан Андоновски информира дека како партија очекуваат зголемување на бројот на пратеници во Собранието од досегашните освоени 58 мандати. Според него, со прегласувањето на неколку избирачки места во Охрид, Крушево и Желино, ВМРО-ДПМНЕ може да добие дополнителен број на пратеници, доколку граѓаните сметаат дека треба да ја дадат поддршката. Истакна дека сега очите на целата јавност ќе ги набљудуваат четирите избирачки места, каде што ќе се гласа од почеток.
Коалицијата „Храбро за Македонија“, предводена од партијата ГРОМ на Стевче Јакимовски, обвини за изборен инженеринг и украдени гласови на нивна сметка. Според Јакимовски, одредени структури од Државната изборна комисија од само три места, им скратиле повеќе од 600 гласови и како што вели, тие гласови се префрлени на други партии.
Градоначалникот на Карпош истакнува дека „ова е голема кражба и покажува дека овој начин на крадење на гласови од помалите партии е правен и во претходните изборни циклуси“. Поради тоа најавија кривична против претседателот на ДИК, Александар Даштевски.
Европскиот фронт освои 19 мандати, додека ВЛЕН освои 13. Во случај на повторно гласање во петтата и шестата изборна единица, поради мала разлика во гласовите, постои можност ДУИ да изгуби еден или два пратенички места, додека коалицијата предводена од СДСМ може да добие дополнителни мандати, со што би станала партија со повеќе мандати од ДУИ.
Подготвено од М.Д.