23.05.2024 Скопје
Денеска попладне во Њујорк Генералното собрание на ОН треба да гласа за предложената резолуција со која се бара прогласување на 11 јули за „Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.
Србија силно се спротивставува на ова и покрена голема дипломатска офанзива против резолуцијата.
Се очекува десетина земји да гласаат против резолуцијата, додека неколку десетици членки на ОН се воздржани од гласање, особено меѓу неврзаните земји, според дипломатски извори.
Предлог-резолуцијата, меѓу другото, го осудува негирањето геноцид и величењето осуденици за воени злосторства.
Резолуцијата ја предложија Германија и Руанда, а ја поддржаа уште 34 земји, вклучувајќи ги сите поранешни југословенски републики, освен Србија.
Официјален Белград и властите на босанскиот ентитет Република Српска негираат дека во јули 1995 година во Сребреница бил извршен геноцид врз Бошњаците, туку зборуваат за „страшно злосторство“.
Во предлог-резолуцијата се потсетува на пресудите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг и на Меѓународниот суд на правдата, кои злосторството во Сребреница го окарактеризираа како геноцид. Во преамбулата на текстот се наведува дека „кривичната одговорност според меѓународното право за кривичното дело геноцид е индивидуализирана“. Над 50 лица беа осудени на околу 700 години затвор, а Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, меѓу другите, беа осудени на доживотен затвор.
Нацрт-резолуцијата безрезервно ги осудува дејствијата што величат осуденици за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид, вклучително и одговорните за Сребреница. Исто така, се нагласува одговорноста на државите да ѝ стават крај на неказнивоста за геноцид, злосторства против човештвото, воени злосторства и други прекршувања на меѓународното хуманитарно право и меѓународниот закон за човекови права и да ги гонат одговорните за таквите дела со цел да се избегне нивно повторување и да се постигне одржлив мир, правда, вистина и помирување.
Меѓу другото, на гласањето му претходеше барањето на Постојаната мисија на Србија во ОН, која во писмо до светската организација побара да се повлече нацрт-резолуцијата, со напомена дека Србија не била консултирана за нејзината содржина, како и дека предложениот документ предизвикува тензија во регионот и поделба меѓу членките на ОН.
Предлагачите, сепак, во својот одговор наведоа дека „Србија е постојано поканета да се ангажира“ и дека „секој предлог на Србија за промена на текстот на нацрт-резолуцијата ќе биде сфатен многу сериозно“. Тие прецизираа дека текстот на предлог-резолуцијата има „цврсти основи и усогласена терминологија“.
„Во нацрт-резолуцијата, терминот ‘геноцид’ се користи строго во правен контекст, во согласност со пресудите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и Меѓународниот суд на правдата. Тој не ја таргетира Србија, почитувана земја-членка на оваа организација, ниту пак подразбира некаква колективна вина кон држави, ентитети или групи“, рекоа постојаните претставници на Германија и Руанда во ОН.
Подготвено од М.Д.