31.05.2024 Скопје
Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден тивко ѝ даде дозвола на Украина да изврши напад во Русија, исклучиво во близина на регионот Харков, користејќи оружје обезбедено од САД, изјавија денеска американски функционер и уште две лица кои знаеле за тоа.
Според информациите, тоа е голема промена која ќе и помогне на Украина подобро да го брани својот втор по големина град.
„Претседателот неодамна издаде инструкции на својот тим да се погрижи Украина да го користи американското оружје за возвратен оган во Харков, за да може Украина да возврати на руските сили кои ги напаѓаат или се подготвуваат да ги нападнат“, потврди американски официјален претставник, додавајќи дека политиката на дозволување удари со долг дострел во Русија „не е променета“.
Рускиот претседател Владимир Путин предупреди на закана од глобален конфликт доколку западните сојузници на Киев ѝ дозволат на Украина да го користи оружјето што го испорачале за напади во Русија.
САД изјавија дека не поттикнуваат или овозможуваат употреба на американско оружје за директни напади врз Русија, но американскиот државен секретар Ентони Блинкен, на прашањето за моменталната позиција на Вашингтон по ова прашање, вчера изјави дека ќе се „прилагоди“.
Подготвено од М.Д.