21.05.2024 Скопје
Трендот на заминување на младите до 18-годишна возраст, ја рангираше Албанија на второ место во светот по највисоко ниво на емиграција.
„Последните податоци на Евростат покажуваат дека од 2013 до 2023 година, повеќе од 64.215 албански државјани помлади од 18 години, побарале азил во земјите на Европската Унија. Во апсолутна вредност, оваа бројка беше петта во светот, но, во однос на населението, Албанија има втора највисока стапка на баратели на азил од оваа возрасна група во ЕУ, со 241 млад човек на 10.000 жители“, објавија медиумите.
Додаваат дека пред Албанија е само Сирија, која има 266 барања за азил на 10.000 жители.
„Најголемиот емиграциски тек на 18-годишници-Албанци кулминираше во 2015 година, кога околу 22 илјади млади луѓе на возраст под 18 години побараа азил во некоја од земјите на ЕУ, од кои повеќето беа дел од семејства кои ја напуштија земјата во тоа време. Протоците беа високи и остануваат такви“, додаваат медиумите.
Според нив, истражувањето на Регионалниот совет за соработка во 2023 година покажал дека 31 процент од Албанците планираат да ја напуштат земјата при што 18 отсто од нив веќе имаат планови и нашле начини да избегаат. Резултатите покажуваат дека емиграцијата во Албанија е поагресивна отколку во другите земји, бидејќи поголем процент од Албанците не сакаат да емигрираат привремено, туку трајно.
Подготвено од М.Д.