inflacija

03.04.2024 Скопје

Инфлацијата на потрошувачките цени во Турција најверојатно достигна 70 отсто во март, главно поттикната од зголемувањето на цените на храната и услугите.

Во јануари инфлацијата се зголеми за 6,7 отсто, делумно поради значителното зголемување на минималната плата и новогодишното ажурирање на цените, а во февруари месечната инфлација изнесуваше 4,53 отсто, поттикната од растот на цените на храната и влијанието на минималната плата.

Економистите проценуваат дека инфлацијата во март била во опсег од 68,2 до 70,54 отсто. Месечната прогноза за раст на цените се движеше меѓу три и 4,42 отсто.

Податоците на Стопанската комора на Истанбул (ITO) покажаа дека малопродажните цени во Истанбул пораснале за 3,93 отсто во март. На годишна основа, индексот на големопродажните цени забележа раст од 63,21 отсто.

Во однос на претходниот месец, трошоците за здравје и лична нега се зголемени за 3,05 отсто, а трошоците за храна скокнале за 362 отсто. Трошоците за покуќнина и домување се зголемени за 6,01 и 3,90 отсто, соодветно. Исто така, раст од 1,06 отсто е забележан и кај трошоците за транспорт и врски и 8,96 отсто кај трошоците за облека.

На 21 март Централната банка на Турција одлучи да ја зголеми референтната каматна стапка за 500 базични поени поради влошувањето на изгледите за инфлација. Во записникот од состанокот, централната банка констатира дека водечките показатели упатуваат на забавување на инфлацијата во март.

Годишната инфлација се очекува да падне на 43,75 отсто до крајот на годината, што е повисока од целта на централната банка од 36 отсто. Лани турската лира ослабе за повеќе од 36 отсто во однос на доларот, додека годинава е послаба за уште 8,6 отсто.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author