03.04.2024 Скопје
Украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша нацрт-закон со кој се предвидува намалување на возраста за воена мобилизација од 27 на 25 години, додека на вооружените сили им недостасуваат луѓе за да и се спротивстават на Русија.
Тој предлог-закон, кој беше изгласан пред една година во украинската Рада, а се чекаше на потпис на претседателот, ќе стапи на сила во среда, се наведува на веб-страницата на парламентот.
Украинската влада потоа мора да ги усогласи различните регулаторни текстови со новата возраст за мобилизација во рок од шест месеци.
Украинската армија претрпе загуби, чиј обем се чува во тајност, а денес, за разлика од почетокот на конфликтот, се бори да најде доброволци за фронтот.
Во декември минатата година, Зеленски рече дека армијата му понудила мобилизација до 500.000 дополнителни луѓе, а тој број оттогаш е намален од новиот врховен командант на украинската армија, Олександр Сирскиј.
Сегашниот состав на мобилизацијата многу Украинци го сметаат за нефер, неефикасен и често корумпиран, а има и барања за демобилизација на оние кои долго време се на фронтот.
Подготвено од А.Ѓ.