apsenje-

15.04.2024 Скопје

По повеќемесечна криминалистичка истрага, Секторот за криминалистички истраги при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во  Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) против 17 луѓе, сите припадници на затворската полиција, вработени во Казнено поправната установа (КПД) Затвор Идризово. Петмна од нив се сомничат дека сториле кривично дело овозможување бегство на лице лишено од слобода, додека едно лице се сомничи за помагање во сторување на истото кривично дело. 11 од уапсените се осомничени дека сториле продолжено кривично дело противзаконито ослободување на лице лишено од слобода, соопшти МВР.

Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) соопштија дека надлежниот јавен обвинител донел Наредба за истрага против шест луѓе, од кои за петмина постои основано сомнение дека во текот на месец октомври минатата година сториле кривично дело овозможување бегство на лице лишено од слобода, додека едно лице се сомничи за помагање во сторување на истото кривично дело.

„На 26 октомври 2023 година во приватна здравствена установа во Скопје, петмината осомничени – затворски полицајци при КПУ – КПД Идризово Скопје, како група, со умисла помогнати од шестиот осомничен затворски полицаец – приправник, овозможиле бегство на лице осудено за кривично дело убиство. Додека осуденото лице било на медицински третман, согласно прописите било обезбедувано од затворската полиција на КПУ-КПД Идризово. Критичниот ден со придружба на двајца осомничени затворски полицајци, лицето се упатило во просторијата за пушење во непосредна близина на болницата. Таму, заедно со придружбата поминало околу половина час, по што осомничените затворски службеници заминале, овозможувајќи му на осуденикот да излезе од просторијата и со патничко моторно возило да се даде во бегство. Осомничените не го пријавиле бегството кај непосредните старешини во КПУ- КПД Идризово, ниту тоа го сториле осомничените од втората смена, туку седеле без осуденото лице во празниот апартман во болницата каде биле затекнати од полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при МВР-СВР Скопје“, појаснуваат од ОЈО ГОКК.

Воедно, јавниот обвинител против 11 луѓе води предистражна постапка заради постоење на основи на сомнение дека од 19 до 26 октомври 2023 година, сториле продолжено кривично дело противзаконито ослободување на лице лишено од слобода.

„Осомничените во текот на престојот на осуденикот како соизвршители, додека биле на смена, го ослободувале осуденото лице кое им било доверено на чување, кое непречено без придружба ја напуштало здравствената установа и по повеќечасовно отсуство се враќало назад. Ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, предметниот обвинител од ОЈО ГОКК, денеска на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје му предложи определување на мерката притвор за шестмината осомничени, додека за единаесетте лица за кои се води предистражна постапка предложи мерки на претпазливост, забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето; обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање, забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело“, информираа од ОЈО ГОКК.

За кривичното дело овозможување бегство на лице лишено од слобода е предвидена затворска казна од една до десет години, а за кривичното дело противзаконито oслободување на лице лишено од слобода е предвидена казна затвор од три месеци до пет години.

Подготвено од М.Д.

About Author