11.04.2024 Скопје
Започна увидот на Универзална сала во која избувна пожар, во кој изгоре целата внатрешност на објектот. Од МВР и Јавното обвинителство потврдија дека трае увидот на терен, но и дека твојцата градежни работници кои работеа на реконструкцијата на објектот и се најдоа на лице место при избувнувањето на огнената стихија, по дадените изјави во полициска станица се пуштени дома. Дома е пуштена и втората жена која беше завржана на Токсикологија поради вдишаниот чад од пламенот. А, граѓаните жалат за настанот, но има и оптимисти меѓу нив дека Универзална повторно ќе никне од пепелта.
Ден по пожарот што ја зафати внатрешноста на Универзална сала, објектот е затворен. Но, од внатрешната страна на оградата , како што забележа нашата камера, надлежните заедно со претставници од компанијата Универзал Балкан, која е изведувач на реконструкцијата на овој симбол на солидарноста, вршеа увид на терен, кој што треба да даде одговори на повеќе прашања.
Тројцата работници кои беа приведени, а кои се најдоа на лице место при избувнувањето на пламените јазици, по дадените искази во полициска станица се пуштени дома.
По насоки на јавен обвинител , приведените лица дале исказ во полициска станица во врска со настанатиот пожар и истите се ослободени. Во тек е увидот во присуство на јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.
За започнатиот увид , известија и од Јавното обвинителство.
Локацијата ќе биде детално прегледана за да се обезбедат сите докази неопходни за утврдување на причините за настанување на пожарот. Стручно вешто лице ќе се произнесе дали пожарот е евентуално предизвикан од човечки фактор или се работи за несреќен случај. Во текот на вчерашниот ден, во рамките на своите надлежности, Државниот инспекторат за труд изврши контрола на работењето на фирмите ангажирани за реконструкција на објектот и изготви записник, велат од Јавното обвинителство.
Дома е пуштена и во добра здравствена состојба е и втората жена која вчера беше задржана на опсервација, по вдишаниот чад од пламенот кој се издигна над Универзална, потврдија од Клиниката за токсикологија.
Штетата од пожарот на Универзална , која допрва ќе се утврди, ќе биде покриена од осигурувањето на објектот.
Подготвено од М.Д.