23.04.2024 Скопје
Со намера да се намали притисокот врз античкиот италијански град, кој тоне под тежината на масовниот туризам, Венеција од неделава ќе почне да им наплаќа влез во градот на еднодневните туристи.
Ова е прв ваков случај во светот.
Посетителите кои од четврток ќе го посетуваат градот на еден ден ќе треба да купат билет од пет евра.
Целта на воведувањето билети е да се намали гужвата.
Првично, билетите ќе бидат потребни само за 29 „пик“ туристички денови во текот на 2024 година, главно за викенди од мај до јули.
Луиџи Бруњаро, градоначалникот на Венеција, го опиша потегот како „експеримент, прв во светот, кој има за цел да ја направи Венеција попријатна за живеење“.
УНЕСКО го вброи градот и неговата лагуна како светско наследство во 1987 година, наведувајќи го како „извонредно архитектонско ремек-дело“.
Инспекторите ќе бидат стационирани во и околу главните влезови на градот, особено на железничката станица Санта Лусија, проверувајќи ги посетителите на лице место.
Подготвено од А.Ѓ.