17.04.2024 Скопје
YouTube ги проширува своите мерки против употребата на софтвер за блокирање реклами на мобилните платформи, што може да доведе до тешкотии за корисниците кои се обидуваат да гледаат видеа без прекин.
Во соопштението објавено во понеделникот, компанијата рече дека корисниците кои пристапуваат на YouTube преку апликации за блокирање реклами од трета страна може да имаат проблеми со репродукцијата на видеата или да видат порака за грешка која предупредува дека „содржината не е достапна преку оваа апликација“.
Во текот на изминатата година, YouTube започна глобална иницијатива со која ги повикува корисниците да овозможат реклами или да се префрлат на YouTube Premium, верзијата без реклами. Компанијата исто така започна да ја оневозможува репродукцијата на видео за корисници кои користат екстензии за блокирање реклами.
YouTube сега посочува дека неговите правила не дозволуваат „апликациите од трета страна да исклучуваат реклами бидејќи ги спречува создавачите да бидат наградени за нивните погледи“. Мерката конкретно ги таргетира мобилните блокатори на реклами, како што е AdGuard, кој овозможува непречено гледање видеа на YouTube во рамките на својата апликација.
YouTube нагласува дека „дозволува апликациите од трети страни да ја користат услугата API само кога се почитуваат условите за користење на услугата API. Кога ќе откриеме апликација која ги прекршува овие услови, ќе преземеме соодветни мерки за заштита на нашата платформа, креаторите и гледачи“.
Како алтернатива, YouTube повторно предлага да се регистрирате за YouTube Premium, верзијата без реклами, па се чини дека YouTube нема да се откаже од борбата против блокаторите на реклами наскоро.
Подготвено од А.Ѓ.