17.04.2024 Скопје
Најмалку 800 луѓе се евакуирани во индонезиската провинција Северен Сулавеси по повеќекратните ерупции на тамошниот вулкан Руанг, кој исфрлаше лава и облаци од пепел со денови, објави државната вулканолошка агенција.
Вулканот, кој се наоѓа на островот Руанг, на околу 100 километри од главниот град на провинцијата Манадо, еруптираше повеќе од три пати од вторникот.
Властите го подигнаа нивото на тревога на второто највисоко ниво по зголемената активност, рече Херунингтјас Деси Пурнамасари, службеник во Индонезискиот Центар за вулканологија и ублажување на геолошката опасност (ПВМБГ).
Ерупцијата на Руанг беше предизвикана од неодамнешните земјотреси на островот, при што планината исфрли опасни и „експлозивно жешки столбови“ високи до 1,8 километри на небото, рече таа.
„Мораме да го евакуираме островот бидејќи предвидуваме дека може да има уште ерупции. Ниту една активност не е дозволена на четири километри од кратерот“, рече таа.
Снимките покажуваат потоци од црвена лава како течат по планината и над кратерот извираа облаци од сива пепел.
Островот Руанг е дом на околу 838 жители, од кои повеќето сега се евакуирани на најблискиот остров Тагуландан, рече Херунингтјас.
Индонезија се наоѓа на таканаречениот „Пацифички огнен прстен“, област со висока сеизмичка активност која се наоѓа над повеќе тектонски плочи.
Подготвено од А.Ѓ.