04.04.2024 Скопје
Вселенскиот патријарх Вартоломеј Патријархот изрази надеж дека ќе може да се постигне договор за заеднички датум веќе следната година, кога на 20 април ќе се слави Велигден и според Грегоријанскиот и според Јулијанскиот календар.
„Го молиме Господа прославата на Велигден следната година да биде на 20 април и во двата календари да не биде само случајна појава, туку почеток на единствен датум за неговото одбележување и од источната и од западната христијанска црква“, рече Вартоломеј.
Тој изјави дека овој стремеж е особено значаен, бидејќи во 2025 година се навршуваат 1700 години од Првиот вселенски собор во Никеја, на кој, меѓу другото, се формулирани правилата за одредување на датумот на Велигден.
„Меѓу неговите клучни дискусии беше прашањето за воспоставување заедничка временска рамка за велигденските прослави. Оптимисти сме бидејќи има добра волја од двете страни. Затоа што, навистина, одвоеното празнување на единствениот настан Воскресението на единствениот Господ е скандал!“, рече вселенскиот патријарх.
Вартоломеј веќе изјави дека договорот за заедничкиот датум на Велигден ќе биде важна тема за подготовка на 1700-годишнината од Соборот во Никеја.
Велигден годинава падна на 31 март според Грегоријанскиот календар, а според Јулијанскиот календар се слави на 5 мај.
Подготвено од А.Ѓ.