12.04.2024 Скопје
Турската полиција заплени 608 килограми кокаин, што е трета најголема заплена на тој вид дрога во историјата на земјата, соопшти турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.
Дрога, главно во течна форма, е запленета во акција спроведена во три провинции, објави Јерликаја на платформата Х.
Запленети се и речиси 830 килограми хемикалии кои се користат за преработка на дрога.
Јерликаја рече дека полициската акција била насочена кон меѓународна банда, наводно предводена од државјанин на Либан и Венецуела, кој бил приведен заедно со четворица странци, членови на организирана криминална група и девет Турци.
Групите за надзор на организираниот криминал велат дека Турција расте како транзитен центар за кокаин што доаѓа од Јужна Америка во Европа.
Подготвено од А.Ѓ.