17.04.2024 Скопје
Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) вчера со 131 глас „за“ од 171 присутен, со двотретинско мнозинство, го усвои извештајот на грчката пратеничка Дора Бакојани, со кој се препорачува Косово да биде покането да стане членка на оваа организација. Против гласаа 29, а воздржани беа 11 пратеници.
Меѓу пратениците кои гласаа за извештајот на Бакојани се и двајца претставници од Република Северна Македонија при Советот на Европа, Дарко Каевски од СДСМ и Арта Билали-Зендели од ДУИ. Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, исто така претставник на Република Северна Македонија во Советот на Европа, не присуствуваше на седницата.
По усвојувањето на извештајот, Парламентарното собрание на Советот на Европа сега треба да го испрати предлогот за прием на Косово до Комитетот на министри за надворешни работи, кој треба да ја донесе конечната одлука со двотретинско мнозинство.
Подготвено од М.Д.