super market pazaruvanje ceni

11.03.2024 Скопје

Парадоксално, но вистинито – ниту една казнена мерка лани не е изречена против монополско здружување и концентрирање во земјата во година кога државата требаше да се бори против најголемиот инфлаторен пораст на цените и незапирливиот бран на поскапувања.

Комисијата за заштита на конкуренцијата, како што пишува во нејзиниот извештај за работењето во 2023, не открила антимонополски договори склучени помеѓу претпријатија, одлуки во рамките на нивните здруженија, или пак усогласено однесување за спречување, ограничување или нарушување на конкуренцијата.

„Во 2023 година Комисијата за одлучување по прекршок не донесе решение за постоење на забранет договор, одлука или усогласено однесување“, констатира независната комисија во годишниот извештај. Покрај тоа, не е донесено ниту какво било решение за постоење на злоупотреба на доминантната позиција на некое претпријатие.

Комисијата за заштита на конкуренцијата дала позитивно мислење по барање на Министерството за економија за „Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехрамбени производи“, при што биле прифатени сите нејзини предлози. Овој закон треба да започне да се применува за шест месеци и се очекува да даде придонес во намалувањето на цените на околу 2.600 производи од листа која веќе е објавена.

Инаку само четири казни во текот на минатата година биле испишани од Државниот пазарен инспекторат постапувајќи по одлуката на Владата од 30 септември 2023 да се замрзнат цените на поголем број основни прехранбени производи во трговијата.

Во извештајот за второто полугодие на ДПИ пишува дека четирите казни за непочитување на ограничената профитна маржа и рабат во маркетите изнесувале заедно 498.150 денари. До крајот на минатата година биле платени само две во висина од вкупно 196.000 денари. Поголемиот дел од казните биле главно изречени за „недисциплина“.

Државата во борбата против инфлацијата главно се потпираше на одлуки за замрзнување на цени и тоа на основните прехранбени производи. Имаше и монетарни мерки од страна на Народна банка за дестимулирање на потрошувачката.

Беше воведен и солидарен данок за дополнително оданочување на компаниите кои претходната година „профитирале од кризата“, односно оствариле промет над 10 милиони евра, а добивката била зголемена за 20 отсто во однос на просекот од последните три години.

Според пресметките на Владата, требаше да се обезбедат средства во висина од 50 до 80 милиони евра, но без отчет за тоа како се искористиле овие средства за справување со кризата. Објаснувањето на Владата беше дека ќе бидат наменети за антикризни мерки за поддршка на компаниите и граѓаните, како и за одржување на нивото на јавниот долг.

Подготвено од М.Д.

About Author