gradeznistvo

16.04.2024 Скопје

Градежниците повторно ги насочија своите сили и фокус на скопската општина Карпош, каде во следниот период треба да никнат најмногу нови станбени објекти, ако се остварат сите одобренија за градба издадени во февруари оваа година.

Бројките покажуваат дека токму во февруари има раст на одобренијата, по неколку месечно намалување на бројот на одобренијата за градба. Па така, во план е да се изградат 387 објекти, бидејќи се издадени толку одобренија за градење, што е за 9,9 отсто повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 171 се за објекти од високоградба, 119 нискоградба и 97 за реконструкција.

Вообичаено за Скопскиот регион има најмногу издадени одобренија, 123, по што следува Југоисточниот со 57 и Полошкиот регион со 56 одобренија.

Сепак, убедиво најмногу станови ќе бидат изградени во скопската општина Карпош, каде треба да се реализираат дури 537 нови станови. Од останатите скопски општина, но со далеку помалку станови, како плодни инвеститорите ги нашле Центар со 37 станови и Ѓорче Петров со 13 станови.

Познат факт е дека Скопје долг период важи за најпримамлива дестинација за градење, иако во последните години масовно со гради и во западна Македонија, особено во Охрид, но Гостивар и Тетово.

Бројките, согласно одобренијата за градба покажуваат дека во последниве шест месеци меѓу најпримамливите градови или општини за градба биле: Охрид, Битола и Скопје.

Па така, ако се погледнат деталите од одобренијата за градба кои ги објавува Државниот завод за статистика, ќе се види дека во јануари на пример најмногу од новопланираните станови ќе се градат во Охрид. Таму инвеститорите планираат да изградат 150 станови во следните месеци. Но, високо на листата во јануари конкурира и Битола, каде во план биле 112 нови станови.

Месец претходно, или на крајот на 2022 година, според одобренијата за градба најголем интерес имало за Кочани, каде ќе никнат 102 нови станови, по што следува Штип со 63 станови кои треба да бидат изградени.

Во ноември, слично како и јануари, најмногу станови согласно одобренијата е во план да се градат во нашиот туристички бисер Охрид, каде треба да бидат изградени 140 станови. Веднаш зад него е Битола каде планирано е да се изградат 131 стан, а за два помалку ќе треба да никнат во Струмица или 129 станови.

Во октомври согласно одобренијата побарано и одобрено било да се изградат вкупно 790 станови, од кои најголем дел ќе никнат во Кавадарци, 206 станови, по што следува скопската општина Гази Баба каде ќе се изградат 194 станови.

Што се однесува пак до месец септември, согласно плановите ќе треба да се изградат 773 станови, од кои најмногу во скопската општина Гази Баба, каде треба да никнат 197 станови, а зад нив следи Струмица, каде пак ќе се градат 140 станови.

Подготвено од М.Д.

About Author