https://scontent.fskp4-2.fna.fbcdn.net/v/t39.30808-6/276998809_516411879855879_4148198394867636126_n.jpg?_nc_cat=108&ccb=1-7&_nc_sid=174925&_nc_ohc=77WnB6bmMdoAX85kF9P&_nc_ht=scontent.fskp4-2.fna&oh=00_AT-Gk6gopJ1Ez3YlTzZgzLj6cJlSDTdugONqHBkZS7zR2w&oe=62D53A47

19.04.2024 Скопје

Светската економија покажа изненадувачка отпорност на зголемените каматни стапки и шокови кои произлегуваат од војните во Украина и Газа, но има многу причини за загриженост, изјави денеска директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева.

Говорејќи на пролетниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд и Групацијата на Светска банка во Вашингтон, Георгиева истакна дека особено загрижува постојаната инфлација и растечкото ниво на националниот долг.

„Инфлацијата е намалена, но не исчезна“, предупреди директорката на ММФ.

Георгиева посочи и дека државните долгови растат во целиот свет. Глобалниот јавен долг се искачи на 93 отсто од БДП во 2023 година од 84 отсто од БДП во 2019 година, бидејќи владите мораа да трошат повеќе за здравствена заштита и економска помош за време на пандемијата на коронавирус. Директорот на ММФ ги повика земјите да собираат даноци и поефикасно да ги трошат јавните пари.

„Во свет каде што доаѓаат кризи, земјите итно треба да изградат фискална отпорност за да бидат подготвени за следниот шок“, рече таа.

Една од причините за бавниот глобален раст, додаде Георгиева, е разочарувачкиот раст на продуктивноста. Таа рече дека земјите не нашле начини за најефикасно да ги синхронизираат работниците и технологијата и дека претходните години на ниски каматни стапки им овозможиле на „фирмите кои не биле конкурентни да останат на живот“.

Георгиева изјави и дека во многу земји стареењето на работната сила „не ја носи динамиката“ неопходна за побрз економски раст.

Според неа, државите би можеле да им помогнат на своите економии доколку ја намалат бирократијата и привлечат повеќе жени на пазарот на трудот.

Европа треба да направи повеќе за да ги поттикне иновациите бидејќи заостанува зад економските перформанси на САД, а САД подобро ги искористија технолошките иновации за економски развој и имаат корист од значителните резерви на работна сила и енергија, според Георгиева.

Таа се осврна и на Кина и посочи дека Пекинг ќе мора да бара нови извори на раст во својата земја. На Украина годинава ќе и биде потребна буџетска помош во износ од 42 милијарди долари, а поддршката за оваа земја е се уште силна, заклучил директорката на ММФ.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author