Image by Freepik

13.04.2024 Скопје

Експертите од Светска банка порачаа дека замрзнувањето на цените на храната е краткорочна, а не структурна мерка која може да се користи на долг рок.

„Со неа само привремено, вештачки одржувате некое ценовно ниво кое не ги отсликува реалните производни трошоци и реалните текови во економијата“, истакнуваат од Светската банка.

Според експертите, наместо замрзнување на цените, треба да се обезбедат подобро платени работни места, да се зголеми конкуренцијата во малопродажниот сектор и да се произведува повеќе храна дома отколку што се увезува.

Економистот Јоана Маџоска, одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на редовниот Економски извештај за Западен Балкан, изјави дека и покрај тоа, замрзнувањето на цените помогна да се одржи животниот стандард на населението во Северна Македонија, особено при поинтензивните поскапувања, но тоа не е мерка која може да се користи на долг рок.

„Во тој случај би требало да преминете на некои структурни мерки кои би можеле да го подобрат стандардот. Една од тие е обезбедување поквалитетни и повисоко платени работни места“, рече економистот Јоана Маџоска.

Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист, истакна дека сите земји во регионот, но и државите на европско ниво, воведуваа одредени ценовни контроли во 2022 и на почетокот на 2023 година даваа субвенции за електрична енергија и тоа кракторочно помогна.

Сега кога е во тек растот на деловниот циклус, треба да се направат соодветните реформи.

Во однос на електричната енергија, таа укажа дека цените во европските земји се зголемени, но поради тоа е сменето и однесувањето на потрошувачите. Тие водат сметка како и колку трошат струја. Таква промена, напомена, кај луѓето во Република Северна Македонија нема.

„Во европските земји има многу големи покачувања. Земјата каде што јас живеам имаше зголемување од над 25 отсто само лани, мојата лична сметка за струја сега е 50 отсто поголема од онаа во 2021 година. Ние многу внимаваме како ја користиме струјата, но таква промена во однесувањето не сум видела тука. Имавме многу големо намалување на искористеноста на електричната енергија во Европа, кога било ладно не се користела енергија за греење, луѓето живееле на пониски температури, но ваква промена на однесување не сме виделе тука. Затоа не се гледаат толку многу влијанијата на глобалното намалување на цените. Ова најмногу ќе се забележи во економиите во земјите во Западна Европа кои виделе навистина големо зголемување на цените на електричната енергија во овој период. Но, она што се случува тука, е дека многу се потпираме на земјоделството како извор на раст и вработување, сепак сте доста голем увозник, посебно на зеленчук, а претходно сте биле извозници. Ако се навратиме на структурните причини, треба да се прашаме зошто се потпираме на увоз на храна кога имаме компаративна предност храната да се произведува тука. Значи, треба да се види што може да се направи за земјоделството да биде поголем придонесувач, попродуктивен извезувач и да се намалат на тој начин цените, наместо храната да се увезува“, рече Маџаревиќ-Шујстер.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author