sudstvo

04.04.2024 Скопје

Во текот на вчерашниот ден, судиите во Словенија ја прекинаа работата на еден час, соопштувајќи дека поминале 90 дена од рокот за спроведување на одлуката на Уставниот суд за зголемување на нивните плати.

Во јуни, Уставниот суд пресуди дека регулирањето на платите на судиите е во спротивност со уставните принципи за независност на судството и поделба на власта и му наложи на законодавниот дом да ја отстрани неуставноста до 3 јануари, што не се случи. Затоа судиите, особено преку Здружението на судии на Словенија, оттогаш ги повикуваат сите да ја спроведат уставната одлука.

По тој повод судиите од Цеље и околината вчера одржаа протестен митинг за подигање на јавната свест за работата на судиите.

Судијката на Окружниот суд во Цеље, Тања Долар Божич, смета дека непочитувањето на уставната одлука за платите на судиите ја разниша вербата во Словенија како правна држава.

Претседателката на словенечкото здружение на судии, Весна Бергант Ракочевиќ, истакна дека во уставна демократија сосема е очигледно дека судските одлуки се почитуваат, односно дека се обврзувачки за оние на кои се однесуваат.

Словенечката влада имаше рок до 3 јануари да ја спроведе одлуката на највисокиот словенечки суд дека платите на судиите се прениски, бидејќи тоа претставува „кршење на принципот на независност на судството и поделба на власта“.

По повод вчерашниот протест, Кабинетот на премиерот Роберт Голоб соопшти дека премиерот во петок ќе се сретне со функционер од судството „со цел да се најде координирано решение во конструктивен дијалог за што поскоро спроведување на одлуката на Уставниот Судот“.

Министерката за правда Андреја Катиќ неодамна најави дека уставната одлука за платите на судиите ќе се спроведува со нов закон.

Вработените во судството во неколку наврати протестираа, а во јануари одржаа петнаесетдневен штрајк, намалувајќи ја работата главно на итни случаи.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author