https://www.facebook.com/photo.php?fbid=321729393329439&set=pb.100064771413898.-2207520000..&type=3

04.04.2024 Скопје

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека на Украина не и снемува храброст, туку муниција и додаде дека министрите за надворешни работи на ЕУ на вчерашниот состанок во Брисел се договориле да продолжат со планирањето за поголема улога на Алијансата во координацијата на безбедносната помош за Украина.

„На Украинците не им снемува храброст, туку им снемува муниција. На денешниот состанок разговаравме како да ја ставиме нашата поддршка на поцврста и потрајна основа за иднината. Сите сојузници се согласуваат дека е неопходно да се поддржи Украина во овој критичен момент“, рече Столтенберг на прес-конференција во Брисел по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО.

Тој посочи дека Украина сега може да се потпре на поддршката на НАТО „и на долг рок“.

„Министрите за надворешни работи на НАТО, исто така, разговараа за безбедносните предизвици во јужното соседство на Алијансата, вклучувајќи ја и постојаната закана од тероризам“, рече Столтенберг.

Тој додаде дека на средбата се разговарало и за извештајот на Експертската група што ја назначи минатиот октомври за да го разгледа пристапот на НАТО кон јужните соседи, истакнувајќи дека лидерите ќе разгледаат конкретни предлози на самитот на Алијансата во Вашингтон.

Министрите за надворешни работи на земјите од НАТО вчера во Брисел ги започнаа дводневните средби по повод одбележувањето на 75-годишнината од НАТО и подготовките за самитот во Вашингтон во јули.

Ова воедно беше и прва средба на министрите за надворешни работи на НАТО по приклучувањето на Шведска во Северноатлантската алијанса на почетокот на март оваа година.

Утре во Брисел ќе се одржи состанок на Советот НАТО-Украина на ниво на министри за надворешни работи, на кој ќе учествува и шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author