obedineti nacii glasanje

15.04.2024 Скопје

Иранскиот напад врз Израел не се случи во вакуум, туку настана како резултат на неуспехот на Советот за безбедност на ОН да одговори на израелскиот напад врз иранските дипломатски објекти, од кои последниот беше во Дамаск, изјави постојаниот руски претставник во ОН, Василиј Небензја, на итна седница на Советот за безбедност, по повод нападот на Иран врз Израел.

Амбасадорот на Израел во Обединетите нации, Гилан Ердан, изјави дека Иран ја прекршил Повелбата на ОН и меѓународното право со нападот на Израел, повикувајќи го Советот за безбедност да воведе дополнителни санкции за Техеран.

Постојаниот претставник на Иран во Обединетите нации, Амир Саид Иравани, истакна дека одмаздничкиот напад на Иран врз Израел е извршен исклучиво во рамките на неотуѓивото право на самоодбрана.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека Блискиот Исток е на работ на голем конфликт и дека е дојдено време за деескалација и максимална воздржаност.

Седницата на Советот за безбедност се одржува на барање на Израел, откако Иран во ноќта меѓу саботата и неделата лансираше стотици беспилотни летала и проектили кон Израел, како одмазда за израелскиот напад врз иранската дипломатска мисија во Дамаск.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author