PRETSEDATELSKI KANDIDATI

03.04.2024 Скопје

Претседателските кандидати денеска во Државната изборна комисија го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори.

Стево Пендаровски изрази уверување дека како држава имаме доволно институционална меморија и политичка култура меѓу кандидатите за одржување на нивото на дебатата и целиот процес да биде фер и демократски.

Гордана Силјановска го оцени потпишувањето на кодексот како церемонијален чин и нормативен и морален илузионизам, но истакна дека ќе говори со аргументи и програма и ќе ги почитува сите кандидати.

Стевчо Јакимовски изјави дека ќе го почитува Кодексот, но нема да го потпише ако ДИК не гарантира дека ќе организира дебати, истакнувајќи дека одредени кандидати се фаворизирани и дека средствата за кампања не се рамноправно поделени.

Бујар Османи изјави дека ќе се залага за позитивна кампања, со порака дека станува збор за политички морал и даден збор пред граѓаните за коректно пристапување кон важните избори за државата.

Билјана Ванковска потврди дека ќе го потпише Кодексот, но изрази скептицизам кон неговата ефикасност, нарекувајќи го празно парче хартија и барајќи телевизиите да организираат дебати со сите кандидати.

Арбен Таравари изрази надеж дека овие избори ќе бидат најфер и најдемократски до сега.

Максим Димитриевски изјави дека ќе прифати сите јавни настапи со кандидатите и изрази желба демократијата да победи на овие избори.

Дитмире Шеху, потпретседателка на ДИК, го прочита Кодексот и нагласи дека ќе се залагаат сите учесници да ги почитуваат законите, да избегнуваат говор на омраза и да спроведат успешни фер и демократски избори.

Подготвено од М.Д.

About Author