06.04.2024 Скопје
Цела Јапонија еден ден би можела да го има истото презиме доколку не се промени рестриктивниот закон за брак. Тој тренд би можел да ја смени опаѓачката склоност на Јапонците да стапуваат во брак, додека забележителниот пад на населението може да го направи целосно бесмислен.
За разлика од повеќето големи светски економии, кои во голема мера ја прекинаа традицијата, Јапонија сè уште законски бара од сопружниците да го имаат истото презиме. Вообичаено, жените го земаат презимето на својот сопруг, а истополовите бракови сè уште не се легални во оваа далечна источна земја.
Поради притисокот што го вршат застапниците за правата на жените и оние кои се залагаат за зачувување на различноста на јапонските презимиња, властите се подготвуваат да ги променат правилата поврзани со земање презимиња.
„Доколку сегашните правила останат на сила, сите Јапонци би можеле да го имаат презимето Сато до 2531 година“, вели Хироши Јошида, економист од Универзитетот Тохоку во Сендаи, кој е главен автор на студијата.
Според податоците на Mioji Jurai, компанија која следи повеќе од 300.000 презимиња во Јапонија, моментално најзастапено е презимето Сато, а по него е Сузуки.
Такахаши е третото најчесто презиме во Јапонија. Од 125 милиони жители на Јапонија, околу 1,8 милиони луѓе го носат презимето Сато, според компанијата Mioji Jurai на својата веб-страница.
Јошида – чие презиме е 11-то најчесто – го спроведе истражувањето на барање на Think Name Project, група која бара законски измени за да им се овозможи на паровите да ги задржат своите презимиња.
Професорот, кој ги презентираше резултатите од својата најнова студија, призна дека неговата проекција ќе се одржи само ако земјата успее да го надмине она што е веќе една од нејзините најитните кризи – постојаниот пад на бројот на бракови.
Се помалку бракови во Јапонија
Бројот на бракови во Јапонија падна за речиси шест проценти во 2023 година во споредба со претходната година – падна под 500.000 за прв пат во 90 години. Исто така, според официјалните податоци, бројот на разводи е зголемен за 2,6 отсто во однос на лани.
Јошида изјави дека ако се омажат многу помалку од очекуваното, постои можност оваа пресметка да биде поинаква. Студијата, исто така, укажува дека популацијата на Јапонија би можела значително да се намали во текот на следниот милениум, поради падот на наталитетот.
„Постои голема можност јапонскиот народ да изумре“, истакна Јошида во својот труд.
Податоците на јапонската влада објавени минатата година покажуваат дека процентот на постари лица во Јапонија на возраст од 65 и повеќе години е на рекордно високо ниво. Оваа група жители сочинува 29,1 отсто од населението, што е највисока стапка во светот.
Јапонското население е во постојан пад од нејзиниот економски бум во 1980-тите, со стапка на фертилитет од 1,3, далеку под 2,1 што, во отсуство на имиграција, е потребна за да се одржи стабилна популација.
Падот на наталитетот е ризик за функционирањето на државата
Смртните случаи ги надминаа раѓањата во Јапонија пред повеќе од една деценија, што претставува се поголем проблем за лидерите на четвртата по големина економија во светот.
Премиерот Фумио Кишида предупреди на криза со населението во јануари минатата година, велејќи дека е „на работ да може да ги одржи социјалните функции“ поради падот на наталитетот.
Во поголемиот дел од Источна Азија, презимињата на луѓето се генерално помалку разновидни отколку во западните земји. На пример, според официјалните податоци од 2020 година, околу 30 отсто од луѓето во Кина го имаат презимето Ванг, Ли, Џанг, Лиу или Чен. А, огромното мнозинство од населението, односно речиси 86 проценти, делат само 100 презимиња.
Изумирањето на презимињата е исто така природен феномен наречен процес Галтон-Вотсон, кој вели дека во патрилинеалните општества, презимињата се губат или изумираат со текот на времето со секоја нова генерација, бидејќи жените ги земаат презимињата на своите сопрузи.
Подготвено од А.Ѓ.