22.04.2024 Скопје
„Сите држави имаат своја мафија, ама во Република Северна Македонија има опасност мафијата да има своја држава! Битката со мафијата мора да биде бескомпромисна, многу е тешка, но мора да почне, оти криминалот и корупцијата се системски. А, ликови што наликуваат на оние од мафијата се вгнездени на највисоките позиции и тие со чинење или со нечинење, со гледање и помагање се исто така соучесници“, истакна претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска Давкова на вчерашниот митинг во Аеродром.
„На почетокот од 2000 година, Роберт Хајслоп ќе рече: ‘Сите држави имаат мафија, ама на Балканот има опасност мафиите да имаат свои држави’. Сега кога ги гледам состојбите со корупцијата и криминалот, барам некаков излез, читам дека во Италија на времето донеле еден закон против мафијата и сега го препорачуваат. И да, она што всушност е дел од Програмата на ВМРО-ДПМНЕ е дека битката со мафијата мора да биде бескомпромисна, дека битка со мафијата е многу тешка, но мора да почне оти криминалот и корупцијата се системски“, рече Сиљановска Давкова.
Таа посочи дека изборите на 24 април доаѓаат како предигра бидејќи тогаш работите ќе се разјаснат, а целосно ќе се расчистат на 8 мај.
„Мислам дека на 8 мај ќе биде запечатена една тешка и грда фаза од владеењето и ќе започне една нова реформска фаза. За тоа навистина се потребни умни, чесни и посветени луѓе. Луѓе кои државните и национални интереси ќе ги стават пред било кои други. Луѓе кои како одважни и достоинствени, ќе бараат од големите и средните држави, па и од ЕУ и сите држави внатре, заслужена почит. Луѓе кои ќе бараат и ние да итаме во исполнувањето на Копенхагенските критериуми. Да не се занимаваме и да го губиме времето на докажување дека сме тие што сме. Да барате од некого да докаже дека е човек, дека е жена, дека е Македонец е непристојно“, порача Сиљановска Давкова на митингот во Аеродром.
Подготвено од М.Д.