gp bogorodica

02.04.2024 Скопје

Сообраќајот на граничните премини од Грција кон соседните земји, меѓу кои и Република Северна Македонија, денеска и утре ќе биде во прекин поради 48-часовниот штрајк на грчките царинските службеници, а извори од Федерацијата на цариниците од Атина рекоа дека граѓаните кои во овие два дена планирале да патуваат во Грција, добро ќе биде да го одложат нивното патување.

Од Федерацијата на царински службеници на Грција соопштија дека цариниците од Независна управа за јавни приходи како и од Министерството за финансии ќе одржат 48-часовен штрајк на 2 и 3 април, а од Синдикатот на вработени во јавниот сектор преку соопштение изразија поддршка за штрајкот.

Поради дводневниот штрајк на цариниците се очекува целосно да биде во прекин сообраќајот на граничните премини од и кон Грција за товарните возила и секаков вид пратки, а истото ќе важи и за автомобилите.

За товарните возила постојат исклучоци доколку се пренесуваат пратки што поради чувствителноста мора веднаш да бидат пренесени, а за автомобилите доколку станува збор за пациенти кои итно заминуваат на лекување.

Истите извори велат дека добро ќе биде граѓаните да избегнат патувања во Грција додека трае штрајкот.

Единствено дозволено ќе биде пеш да се помине границата, иако не е исклучена можност во случај да се создадат колони автомобили да има повремено пропуштање, меѓутоа чекањето би било со часови.

Подготвено од М.Д.

About Author