12.04.2024 Скопје
Одењето во Европската унија и стекнувањето право на работа и живот во една од земјите може да биде сложен и долг процес.
Златните визи даваат можност за побогатите луѓе практично да го „купат“ правото на престој, без дури во одредени случаи да мора да живеат во земја членка на ЕУ.
Нивната популарност расте се повеќе бидејќи по Брегзит многумина не сакаат да им се ограничат правата, а се проценува дека се повеќе Американци ќе купуваат т.н. златни пасоши.
Од друга страна, ширум Европа има растечки тренд за укинување на златните визи и затоа Португалија го најави овој потег во октомври, отстранувајќи ги инвестициите во недвижности како основа за визи со надеж дека ќе се намалат шпекулациите на пазарот на недвижности.
Од почетокот на оваа година златните визи престанаа да важат и во Холандија, а тоа ќе го направи и Шпанија.
Во таа земја веќе се заострени правилата за добивање специјална виза, а во декември владиниот коалициски партнер Сумар објави дека поддржува целосно укинување на практиката.
Што се сепак златните визи?
Златните визи им нудат на луѓето шанса да добијат дозвола за престој во земјата каде што купуваат куќа или прават големи инвестиции или донации.
Што е потребно за да аплицирате:
- Апликантот да е постар од 18 години;
- Да нема криминално досие;
- Да има доволно средства за да ја направи потребната инвестиција.
Има и златни пасоши, формално познати како државјанство по инвестициски програми, кои им овозможуваат на странците да добијат државјанство користејќи ги истите средства.
Кога станува збор за земјите на ЕУ, тоа исто така значи дека може да се добие пристап до многу бенефиции што вообичаено ги имаат граѓаните на ЕУ, како што е слободата на движење меѓу земјите-членки.
Зошто ЕУ се противи на златните визи и пасоши?
Во 2022 година, Европската комисија ги повика националните влади да престанат да продаваат државјанства на инвеститори.
Иако визите нудат постојан престој наместо државјанство, планот беше да се пречка на оваа профитабилна индустрија. Во средината на украинската војна, се појави загриженост дека овие шеми може потенцијално да претставуваат безбедносен ризик.
Брисел, исто така, повика на темелна проверка за да се види дали лицата на списокот со санкции поседуваат и златни пасоши и визи.
Исто така, се стравува дека може да бидат загрозени безбедноста, транспарентноста, како и вредностите што ја карактеризираат Европската унија.
Во 2022 година, Европската комисија и порача на Албанија да се воздржи од практиката на златни пасоши, нагласувајќи дека постои ризик од „перење пари, даночно затајување, финансирање тероризам, корупција или организиран криминал“ што не е во согласност со нормите на ЕУ. Албанија тогаш ја суспендираше одлуката за воведување златни визи.
Кои земји ги укинаа златните визи?
Во февруари 2022 година, Велика Британија ја укина златната визна шема која им дозволуваше на странските државјани да се населат во земјата во замена за носење одредена сума од своето богатство со себе. Кога започна војната во Русија, тие се оддалечија од практиката бидејќи е познато дека голем број руски бизнисмени и олигарси се занимаваат со бизнис и живеат во британските градови.
Минатата година Ирска се збогуваше со златната виза, поточно Програмата за имигрантски инвеститори, која понуди ирско државјанство во замена за 500.000 евра донации или тригодишна инвестиција во земјата во вредност од еден милион евра.
Португалскиот премиер Антонио Коста најави дека визите ќе бидат укинати, а дотогаш странците можат да купуваат недвижен имот или да инвестираат во земјата во замена за дозволи за престој.
Според податоците на локалната државна агенција ЛУСА, од јануари до август 2022 година, програмата на Португалија и донела 398 милиони евра.
Португалскиот остров Мадеира, кој се наоѓа во Атлантскиот Океан, се противи на оваа одлука бидејќи голем број богаташи пристигнале во нивниот регион токму благодарение на златните визи.
Од октомври 2023 година, Португалија повеќе не нуди можност за аплицирање за златна виза преку инвестиции во недвижен имот.
Колку чини златната виза?
Има уште неколку земји во ЕУ кои нудат златни визи, а една од нив е Малта. Минималната инвестиција мора да биде 690.000 евра, а државјанството се нуди од 12 до 36 месеци.
Шпанија ја започна оваа програма во 2013 година, а на граѓаните кои не се членки на ЕУ им е дозволено да живеат во таа земја доколку инвестираат најмалку 500.000 евра во недвижен имот.
Сепак, оваа недела беше одлучено дека тоа повеќе нема да биде возможно.
Премиерот Педро Санчез рече дека целта е домувањето да биде „реално, а не шпекулативно претприемништво“.
Владата соопшти дека досега се издадени околу 10.000 вакви визи за да се привлечат странски инвеститори.
Но, противниците на оваа идеја истакнаа дека за поскапувањето на недвижностите се виновни златните визи, поради што локалните жители мораат да се иселат од своите населби.
Друга популарна дестинација е Италија, која во 2017 година воведе можност за добивање дозвола за престој на две години во замена за инвестиции во таа земја. Минималната инвестиција мора да биде 500.000 евра, а апликантите можат да го вклучат своето семејство во апликацијата и подоцна да уживаат даночни поволности.
Меѓутоа, право на државјанство имаат само оние кои живееле во Италија најмалку 10 години со златна виза.
Друга медитеранска земја нуди златни визи многу брзо, за речиси 60 дена од аплицирањето, а тоа е Грција.
Иако минималниот износ за пријавување порано беше 250.000 евра, тој неодамна беше зголемен на 500.000 евра за да можат и локалните жители да купуваат одредени имоти.
Она што е исто така различно е тоа што не мора да живеете во Грција доколку сте корисник на нивната златна виза.
Подготвено од А.Ѓ.