16.04.2024 Скопје
Премиерот на Шпнија, Педро Санчез, ги убеди Ирска и Норвешка за признавање на палестинската независност, но не успеа и Португалија откако конзервативците дојдоа на власт.
На прес-конференција на која присуствуваше и новиот португалски премиер Луис Монтенегро, Санчез истакна дека она што се има случено викендов потврдува дека она „што го заговараме со месеци е неопходно“.
Инаку, во саботата вечерта Иран го нападна Израел со беспилотни летала како одговор на ракетниот напад врз иранскиот конзулат во Сирија.
„Сега пред нас се отвораат две патишта. Едниот води кон ескалација на војната, а другиот води кон прекин на огнот на сите страни“, рече Санчез. Воедно, истакна дека од почетокот на оваа криза, Шпанија се залага за мировен процес со решение за две држави, а со тоа и за заемно признавање на Палестина и Израел.
Претходно, шпанскиот премиер изјави дека Шпанија има намера да ја признае независната држава Палестина до јули и дека наскоро може да се создаде „критична маса“ во ЕУ за тоа да го сторат и другите земји.
Во ова на Шпанија и се придружија Ирска и Норвешка, кои Санчез ги посети во петокот, но новоизбраната влада на Португалија остана воздржана.
Санчез објасни дека ЕУ треба да донесе заедничка одлука за ова. Сепак, тој ја поддржа шпанската иницијатива за прекин на огнот и влез на хуманитарна помош во Појасот Газа, што не го дозволува израелската армија на копнените премини.
Санчез истакна дека меѓународната заедница веќе доцни со спроведувањето на решението за две држави, кое претходно беше предложено од ОН во границите од 1967 година.
Подготвено од А.Ѓ.