severna koreja istrela raketa korejski poluostrov

02.04.2024 Скопје

Северна Кореја денеска лансираше балистичка ракета кон Јапонското Море, а ракетата падна во водите надвор од ексклузивната економска зона на Јапонија, соопшти јапонското Министерство за одбрана.

Ракетата била истрелана во североисточен правец од западниот брег на Северна Кореја во 6:52 часот по локално време и прелетала повеќе од 650 километри на максимална височина од околу 100 километри.

Нема извештаи за штета на авиони или бродови.

Јапонската влада протестираше до Северна Кореја, изјави премиерот Фумио Кишида, додавајќи дека лансирањето на балистичката ракета од земјата е кршење на резолуциите на Советот за безбедност на ОН.

„Ова е прашање што се однесува не само на безбедноста на нашата земја, туку и на безбедноста на регионот и меѓународната заедница. Тоа е апсолутно неприфатливо“, изјави Кишида.

Тој посочи дека Јапонија ќе соработува со САД и Јужна Кореја за да се обезбеди безбедност во регионот.

Во соопштението, американската Индо-пацифичка команда ја повика Северна Кореја „да се воздржи од понатамошни незаконски и дестабилизирачки акти“, додавајќи дека обврските на САД за одбраната на Јужна Кореја и Јапонија „остануваат цврсти“.

Војската на Јужна Кореја соопшти дека Пјонгјанг истрелал нешто што изгледа како балистичка ракета со среден дострел во Јапонското Море.

Јужнокорејскиот претседател Џун Сук-јеол изјави дека Северна Кореја се обидува да го раздрма јужнокорејското општество пред општите избори со продолжување на ракетните и другите воени провокации.

Тоа беше прво лансирање на балистичка ракета на Северна Кореја од 18 март, а најновиот ракетен тест дојде откако Сеул во четвртокот соопшти дека Пјонгјанг се подготвува да лансира втор воен сателит.

Пјонгјанг во ноември објави дека успешно го лансирал својот прв шпионски сателит.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author