18.04.2024 Скопје
Од 17 подносители на кандидатски листи, четири не испратија свои претставници, а тројца од присутните не го потпишаа кодексот за фер и демократски избори.
Претседателот на „ГРОМ“, Стевчо Јакимовски, кој не го потпиша ниту кодексот за претседателските избори, и овојпат одби да стави потпис.
Покрај него, не се потпишаа ниту претседателите на партиите „Демократи“ и „Работничка партија“.
Сметаат дека изборите нема да бидат фер,затоа што актуелниот Изборен законик ги фаворизира големите партии.
Дел и од тие што потпишаа се пожалија на неправедна распределба на државните пари.
Од „Левица“ не испратија свој претставник, а немаше потписници ниту од партиите „Родина“, „Трета“ и „Единствена Македонија“. Големите политички субјекти го потпишаа кодексот.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски им го прочита кодексот, преку чие потпишување испраќаат порака за фер избори и почитување на сите правила, закони и прописи.
Кампањата за парламентарните избори почнува денес, а првиот круг од гласањето е на 8 мај.
Подготвено од М.Д.