03.04.2024 Скопје
Се помалку германски компании планираат да ги зголемат цените на своите производи, а експертите очекуваат дека годишната стапка на инфлација во таа земја на лето ќе падне под два отсто.
„Од германска перспектива, нема причина Европската централна банка наскоро да не ги намали каматните стапки“, изјави Тимо Волмајршеузер, раководител на одделот за предвидувања во Институтот за економски истражувања ИФО во Минхен.
Индексот кој ја мери подготвеноста на германските компании да ги зголемат цените на нивните производи и услуги падна во март од 15 поени во февруари на 14,3 поени.
Малопродажните и угостителските компании генерално не сакаат да ги зголемат цените, додека трендот кај хотелиерите и тур-операторите е спротивен.
Повеќето компании од германската градежна индустрија всушност сакаат да ги намалат своите цени, покажа истражувањето.
Според прелиминарните проценки, годишната стапка на инфлација во Германија во март паднала од 2,5 отсто во февруари на 2,2 отсто и сега е најниска од мај 2021 година, објави германската Федерална статистичка служба (Дестатис).
Подготвено од А.Ѓ.