04.04.2024 Скопје
Електродистрибуција ја заврши првата фаза на проектот за замена на надземните водови со подземна мрежа на ул. „Гаврил Константиновиќ” во скопската населба Лисиче. Среднонапонската дистрибутивна мрежа е целосно реконструирана, а во втората фаза која е во тек, се продолжува со изведба на работни активности на нисконапонската мрежа.
Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, г-дин Волфганг Маиер и градоначалникот на општина Аеродром г-дин Тимчо Муцунски направија посета и увид на терен.
2Со овој проект овозможуваме уште посигурно и постабилно снабдување со електрична енергија за нашите корисници, како и поголем капацитет за приклучување на нови домаќинства и индустриски објекти. По целосното завршување на работните активности на оваа улица, компанијата ќе продолжи со реализација на други инвестициски проекти пошироко во општина Аеродром“, рече г-дин Маиер.
„Плодната соработка со ЕВН Македонија покажа видни резултати на терен и тоа за рекордно време. Безбедноста на жителите е зголемена, а уличното осветлување е средено. Подземната мрежа и овозможи уште поголем простор на општината, кој може да се искористи за други намени со цел инвестиции и олеснување на животот на нашите граѓани“, изјави г-дин Муцунски.
ЕВН Македонија секојдневно работи на модернизација и реконструкција на дистрибутивната мрежа низ целата земја. Компанијата годинава планира да инвестира околу 74 милиони евра во подобрување на севкупниот квалитет на дистрибуцијата и снабдувањето со електрична енергија, како и на корисничките услуги.
Подготвено од М.Д.