19.04.2024 Скопје
Митинзите на СДСМ за парламентарните избори почнаа од Гевгелија, каде главни беа носителот на пратеничката листа на партијата за изборната единица 4 Венко Филипче и коносителката Јована Тренчевска.
„Како лекар не правам разлика меѓу луѓето на политичка, етничка или религиозна основа, а таков ќе останам и во политиката, бидејќи пред се сме луѓе, а потоа се друго“, кажа Филипче.
Зборувајќи за трите големи кризи, кажа дека владата на СДСМ преку 9 пакети кризни мерки, обезбеди за граѓаните 2,5 милијарди евра од државните пари, а ВМРО-ДПМНЕ само блокираше.
„Влеговме во НАТО, ги почнавме преговорите со ЕУ, ги решававме стратешките прашања за државата. А што правеше ВМРО-ДПМНЕ тоа време? – Блокираше. Блокираше финансиска помош за граѓаните, антикризни мерки, ги плашеше граѓаните во ковид-кризата. Блокираше проекти и секако ја водеше нејзината најглавна, антиевропската политика. Ја сакаат Македонија изолирана, во кал и да зависи од нивната милост и немилост“, рече Филипче.
Јована Тренчевска ја критикуваше очајната состојба со градинките што ја затекнале од ВМРО-ДПМНЕ и опфатот во нив на само 20 отсто на децата во државата. Со новоизградените 85 градинки, опфатот, рече, сега е пораснат на 48 отсто.
„Од 2017 година до денеска, најниската исплатена пензија порасна за 5.309 денари. Во новиот мандат гарантираме минимална пензија од 20.000 денари, просечна 30.000 денари. Тоа системски го средивме, со закон, и така мора да биде. Сите други ветувања се брутални лаги и манипулации. Минималната плата со бегалецот од Будимпешта беше 10.800 денари, ја зголемивме на 22.500. Во новиот мандат имаме зацртано просечната плата од 1.100 евра, 600 евра минимална плата, за останување, а не за иселување од Република Северна Македонија“, кажа коносителката Тренчевска.
Подготвено од М.Д.