obedineti nacii glasanje

19.04.2024 Скопје

Соединетите Американски Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации „Државата Палестина да биде примена во членство во Обединетите нации“.

Велика Британија и Швајцарија беа воздржани, а преостанатите 12 членки на Советот за безбедност – Словенија, Сиера Леоне, Русија, Јужна Кореја, Мозамбик, Малта, Јапонија, Франција, Гвајана, Еквадор, Кина и Алжир гласаа „за“.

За усвојување на резолуцијата потребни се девет гласа „за“, со услов ниту една од петте постојани членки (САД, Велика Британија, Франција, Русија и Кина) да не гласа против.

Палестинските претставници ја осудија одлуката на САД да стави вето, оценувајќи ја како „неправедна, неетична и неоправдана“.

Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац им се заблагодари на САД за одлуката да стават вето.

„Срамниот предлог беше одбиен. Нема награда за тероризмот“, рече Кач.

По гласањето, заменик-претставникот на САД во ОН Роберт Вуд истакна дека САД „одлучно работеа на поддршка на палестинската државност во контекст на сеопфатен мировен договор кој трајно ќе го реши израелско-палестинскиот конфликт“.

„Долго ја повикуваме палестинската управа да ги преземе неопходните реформи за да помогне да се постигне подготвеност за државност и забележуваме дека Хамас, терористичка организација, во моментов има моќ и влијание во Газа, составен дел на државата предвидена со оваа резолуција“, рече Вуд, додавајќи дека е отворено прашање што го оспорува исполнувањето на критериумите за апликантот да се смета за држава.

Тој изјави дека американскиот претседател Џозеф Бајден уште од почетокот на војната во Појасот Газа вели дека одржлив мир во регионот може да се постигне само преку решение со две држави.

Рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја оцени дека со користењето на ветото, САД покажале „што навистина мислат за Палестинците“.

„Целта е да се скрши волјата на Палестинците, да се натераат еднаш засекогаш да се потчинат на окупаторската сила, да се претворат во слуги и личности од втор ред и можеби еднаш засекогаш да ги избркаат од нивната територија“, изјави Небензја.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author