25.04.2024 Скопје
Ирската авиокомпанија „Ryanair“ најави откажување на над 300 летови поради претстојните протести на контролорите на летање во Франција и ја повика Европската комисија да ја принуди Франција да ги заштити авионите што летаат над нејзина територија.
Во соопштението на компанијата се вели дека летовите се откажани поради „неуспехот на Франција да ги заштити прелетите“ за време на штрајковите на контролорите на летање и додаде дека „француските закони неправедно ги штитат домашните летови, што значи дека француските летови се заштитени, но летовите што не се француски се откажани“.
Компанијата истакна дека претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен не ги заштитила овие летови пет години.
„Слободата на движење на граѓаните на ЕУ е нарушена со овие штрајкови на контролорите на летање и ги повикуваме сите патници да се приклучат на нашата кампања со потпишување на петицијата „Заштити ги прелетите: Одржи го небото на ЕУ отворено“, која веќе е потпишана од над 2,1 милион Европски патници“, се вели во соопштението.
Петицијата ја повикува ЕК законски да ги заштити прелетите над Франција за време на штрајкови на контролорите на летање, да им дозволи на европските контролори да работат во Франција додека нивните француски колеги штрајкуваат и да им нареди на француските синдикати да влезат во обврзувачка арбитража пред да свикаат штрајк.
Според авиокомпанијата, со воведување на овие мерки, ЕК би елиминирала 90 отсто од сите откажувања на летови предизвикани од штрајкови во Франција.
Извршниот директор на Ryanair, Мајкл О’Лири, рече дека „француските контролори на летање можат слободно да штрајкуваат“, но дека е неопходно да се откажат француските летови, „не летовите од Ирска до Италија или летовите од Германија до Шпанија“.
Во јуни ќе имаме европски избори, ги охрабруваме сите да гласаат на тие избори и бараме од нивните претставници во Европскиот парламент и Европската комисија да ги заштитат овие летови“, се вели во соопштението.
Подготвено до А.Ѓ.