16.04.2024 Скопје
Дел од српските политичари реагираа на информацијата дека Република Северна Македонија е еден од коспонзорите на резолуција во Обединетите нации за прогласување на 11 јули за Меѓународен ден за сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница. Се чини најдалеку отиде Александар Вулин, кој е поранешен шеф на српската Безбедносно-информативна агенција и ексминистер за одбрана и внатрешни работи на Србија, кој порача дека „Северна Македонија навистина треба, покрај името и историјата, да го промени и јазикот, како што бараат Бугарите“.
Лидерот на Движењето на српските социјалисти истакна дека „Република Северна Македонија можела барем да се воздржи, ако веќе не може да ја поддржи Србија“.
„ Кога ги нарекуваа Поранешна Југословенска Република Македонија и Скопје, ние ги нарекувавме Македонија. Со нив делевме лекови за време на ковид-пандемијата, им ги дадовме нашите резерви од жито, брашно и шеќер, а СПЦ на Македонската црква и овозможи независност и име. Северна Македонија им се заблагодари на Србите за сето тоа со признавањето на Косово и сега со ентузијазам учестува во резолуцијата која треба да ги прогласи Србите за геноциден народ“, изјавил Вулин, пренесуваат српските медиуми.
„Северномакедонците знаат дека нивниот глас не значи ништо, дури ни кога станува збор за нивното име или јазик, а уште помалку за Србите, па затоа можеле барем да се воздржат доколку неможат да ја поддржат Србија. Република Северна Македонија навистина треба да го смени јазикот заедно со името и историјата, како што бараат Бугарите. Навистина е глупаво да користат речник во кој немаат зборови за чест, благодарност, пријателство, слобода, срам“, додал Вулин реагирајќи на изјавата на министерот Османи.
Се огласи и шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, кој го оцени како „дрскост“ ставот на Османи и го праша дали сака да поднесе Резолуција за геноцидот на Србите во Јасеновац, заедно со Србија.
„Тоа е цинизмот што постои на нашите простори, дека е важно да се води антисрпска политика и уште на сето тоа не повикуваат да учествуваме во тоа. Дали треба да бидеме на страната на нацистите за да бидеме почитувани“, рекол Дачиќ.
Шефот на македонската дипломатија вчера соопшти дека нашата земја е коспонзор, заедно со Германија, САД и други земји, на Резолуција во ОН за прогласување на 11-ти јули како Меѓународен ден на комеморација и сеќавање на геноцидот во Сребреница, БиХ во 1995 година и одбележување на истиот секоја година.
„Мислам дека е особено важно Србија да гласа за оваа резолуција со цел да се признаат и промовираат фактите, бидејќи сите одлуки на меѓународните судови и тела покажуваат дека во Сребреница се случил геноцид. Сè додека тој се негира и не се признава, веројатно е можноста да се повтори“, посочи Османи.
Тој додаде декаРепублика Северна Македонија го осудува геноцидот и бара да се одбележи, додавајќи дека не мисли дека можат да бидат нарушени односите со која било земја.
Подготвено од М.Д.