03.04.2024 Скопје
Најмалку четири лица загинаа, а повеќе од 50 се повредени во силниот земјотрес со јачина од 7,2 степени според Рихтеровата скала што рано утринава го погоди Тајван.
Ова е најсилниот земјотрес што го погодил овој остров во последните 25 години.
Американскиот геолошки институт соопшти дека епицентарот на земјотресот со јачина од 7,4 степени бил на 18 километри јужно од тајванскиот град Хуалиен, на длабочина од 34,8 километри. Тајванската служба соопшти дека земјотресот бил со јачина од 7,2 степени, на длабочина од 15,5 километри.
Предупредувањата за цунами беа издадени во првите моменти по земјотресот во Тајван, како и во делови од јужна Јапонија и Филипините, но опасноста оттогаш помина, соопшти Пацифичкиот центар за предупредување од цунами.
Земјотресот предизвика лизгање на земјиштето, а неколку згради се урнаа.
Противпожарната служба соопшти дека се урнале две згради и се верува дека луѓе се заробени под урнатините.
Повеќе од 80.000 домаќинства се без струја.
Афтершокови – од кои еден со јачина од 6,5 – беа почувствувани и во Тајпеј, каде метрото накратко престана да работи, но сообраќајот подоцна беше обновен. Земјотресот бил почувствуван дури и во Шангај.
Јапонската метеоролошка служба првично соопшти дека земјотресот бил со јачина од 7,7 степени. Се очекуваше бранови до три метри да стигнат до големи делови од југозападниот брег на Јапонија, но само помали бранови стигнаа до некои острови.
Јапонија подоцна го намали нивото на предупредување. Сите летови се суспендирани на главниот аеродром во јужниот јапонски регион Окинава поради предупредување за цунами. Нема извештаи за штети во Јапонија.
Филипините исто така издадоа предупредување за цунами, при што властите ги повикаа жителите на крајбрежјето во 23 провинции да се евакуираат.
Подготвено од А.Ѓ.