mleko vo prav

25.04.2024 Скопје

Во примероците на млеко за пиење во САД се пронајдени честички од птичјиот грип, објави Управата за храна и лекови (ФДА).

„Вирусот претходно беше откриен во сурово млеко. Иако пастеризацијата најверојатно ќе го деактивира вирусот, не се очекува процесот целосно да го отстрани присуството на вирусни честички“, се вели во соопштението.

Националното истражување на ФДА дополнително откри траги од птичји грип во „млекото од болни животни, во системот за преработка и на полиците“.

„До денес, не сме виделе ништо што би ја променило нашата проценка дека комерцијалното снабдување со млеко е безбедно. Доколку генетскиот материјал на вирусот се најде во процесот на тестирање, тоа не значи дека примерокот содржи недопрен, заразен патоген“, се вели во соопштението.

Во меѓувреме, американското Министерство за земјоделство објави дека од понеделник, 22 април, птичји грип е откриен во 33 стада молзни крави во осум сојузни држави.

Иако високопатогениот птичји грип циркулира повеќе од 20 години, неговото ширење кај говедата предизвикува тревога.

Министерството и ФДА ги повикаа потрошувачите да избегнуваат да пијат сурово млеко додека се развива ситуацијата. Надлежните најавија дека се очекуваат дополнителни резултати во наредните денови и недели.

Подготвено од А.Ѓ.

 

About Author