OHIS CISTENJE NA ZAGADENA POCVA

16.04.2024 Скопје

Со денешниот извоз на последните три контејнери со околу 63 тони почва загадена со линдан од малата депонија во поранешната фабрика ОХИС во Скопје се финализира „ЛОТ“ 3 (Дел 3). Како што информираат од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), крајната дестинација на трите контејнери е во фирмата Indaver HIM Gmbh во Германија.

Воедно, денеска ќе бидат извезени и првите шест контејнери со отпад од линдан во вкупна количина од околу 120 тони од „ЛОТ“ 4. Крајната дестинација на овие контејнери е во фирмата Tredi Sv. Vulbas во Франција.

„За „ЛОТ“ 4 се обезбедени средства и се очекува во наредните два до три месеци тој целосно да биде реализиран. Останува уште да се обезбедат средства за „ЛОТ“ 5 со што целосно ќе биде расчистена малата депонија со линдан во кругот на ОХИС. Поголем проблем ќе претставува расчистувањето на големата депонија со линдан која опфаќа и делови од Пеленица за што ќе бидат потребни многу повеќе средства кои допрва треба да се обезбедат“, велат од Државниот инспекторат за животна средина.

Нагласуваат дека во текот на денот главниот инспектор за животна средина Хусни Тачи ќе направи инспекциски надзор на малата депонија во ОХИС.

Подготвено од М.Д.

About Author